Дури и Чарлс Дарвин, авторот на теоријата за еволуцијата, бил особено заинтересиран за пролетните јаглики. Со проучувањето на пролетните јаглики како карактеристично ливадско растение, се надеваме дека ќе добиеме информации не само за овој вид, туку и ќе го подобриме разбирањето за состојбата на другите сродни видови. Многумина од вас сте слушнале за лабораториски глувци, вински мушички и пекарски квасец како често проучувани модели на организми. Пролетната јаглика служи како модел на растение во нашите студии.
Заеднички собраните информации за пролетната јаглика ни помагаат да добиеме увид во благосостојбата на ова, но и на други ливадски растенија. Со помош на овие информации, може да го процениме влијанието на промените во пејзажот врз некои важни аспекти на биодиверзитетот. Пролетните јаглики може да укажат дали биотопите во кои се наоѓаат се во добра или во влошена состојба.
Пролетната јаглика е хетеростилна – тоа значи дека различни единки на растението имаат еден од два различни типа на цвет. Ајде да ги наречеме овие различни типа S-форма и L-форма. Ако ја погледнете S-формата одозгора, може лесно да забележите пет прашници, а кај L-формата е видливо само едно устенце (погледнете ја фотографијата). Името S-форма доаѓа од англискиот збор short. Оваа форма има толчник (женски репродуктивен орган) со кратко столпче кое е скриено во венечните ливчиња и прашници (машки репродуктивен орган) кои се видливи кога ќе се погледне цветот одозгора. L-форма доаѓа од англискиот збор long, и има долго столпче кое излегува од венечните ливчиња и пократки прашници скриени во венечните ливчиња.
S-форма
За успешно да произведат плод, пролетните јаглики со L-форма треба да опрашат единки со S-форма. Ова функционира и обратно – поленот од S-формата треба да стигне до L-формата. Така растението не може да се опраши себеси и се спречува генетска ерозија. Вкрстеното опрашување помеѓу различните типови цветови понатаму ја поттикнува размената на генетски материјал и ја подобрува генетската разновидност. Големата генетска разновидност е многу важен фактор за одржување на отпорноста и долготрајната издржливост на популацијата јаглики. Прочитајте повеќе за генетската разновидност тука. Значи, и растенијата се грижат со кого се спаруваат!
Протокот на полен помеѓу овие две различни форми може да се случи само благодарение на инсектите за опрашување коишто играат улога на посредници во овој сложен „брачен договор“. За да се погрижиме за благосостојбата на растението, треба да се погрижиме и за благосостојбата на инсектите за опрашување – дивите и домашните пчели, бумбарите, пеперутките и други драгоцени помошници на растенијата.
Кај популациите на пролетна јаглика, бројот на единки со S-форма или L-форма е изедначен, т.е. отприлика 50:50. Ако овие пропорции се сменат, пролетните јаглики потешко наоѓаат соодветен партнер, со што се спречува опрашувањето и размената на генетски материјал. Ова, за возврат, ја намалува долготрајната отпорност на популацијата.
Претпочитаните живеалишта на пролетните јаглики – традиционално одгледувани ливади – станаа исклучително ретки во современите пејзажи. Исчезнувањето на ливадите предизвикува пад на растителните популации што живеат во нив. Поради големиот пад на популациите на пролетната јаглика, рамнотежата меѓу L- и S-формите може да се изгуби, понекогаш дури и до степен на целосно исчезнување на една од формите во популацијата. Со ваша помош, сакаме да ја изучиме промената во рамнотежата помеѓу L- и S-формите предизвикана од промените на пејзажот.
Како да ја препознаете пролетната јаглика?
Пролетната јаглика (Primula veris) е пролетен цвет. Таа е повеќегодишно растение, што значи дека едно растение расте и цвета на исто место многу години. Видовите коишто понекогаш може да ги помешаме со пролетната јаглика се игликата (Primula elatior) и обичната јаглика (Primula vulgaris). Видовите Primula може лесно да хибридизираат помеѓу себе. Осигурајте се дека за вашето набљудување сте пронашле пролетни јаглики!
Како изгледа пролетната јаглика?
Пролетната јаглика е тревно растение со просечна висина од 10 до 30 cm. Има издолжени зелени ливчиња долги до 20 cm. Едно растение може да има повеќе стебла. Пролетната јаглика има темножолти наведнати цветови во форма на ѕвонче со портокалови точки, во соцветија од 5 до 16 пупки заедно, вообичаено сите на една страна.
Како да ја разликувате пролетната јаглика од другите слични видови?
Во споредба со игликата, цветовите на пролетната јаглика се помали, светложолти, со мали портокалови точки. Цветовите на игликата се обично поголеми и бледожолти. Цветовите на пролетната јаглика се во форма на ѕвонче, додека пак цветовите на игликата се поотворени. Обичната јаглика има кратко стебленце и цветовите се бледожолти до бели. Постојат и други видови на јаглики кои се одгледуваат во градини и лесно може да се рашират од градината во природата. Тие имаат цветови во различни бои, како на пр. виолетова, црвена, портокалова и розова, додека пролетната јаглика има исклучиво светложолти цветови.
Пролетните јаглики се едни од предвесниците на пролетта. Зависи од регионот и од временските услови, но вообичаено почнува да цвета во почетокот на мај и цвета околу две недели. При поладни временски услови, цветањето може да започне подоцна и да трае до средината на јуни. Во потоплите региони, цветањето може да започне и во април.
Каде расте пролетната јаглика?
Пролетната јаглика е прилично честа во Европа со статус „најмала загриженост“ на црвената листа на загрозени видови. Но поради загубата на живеалиштето, нејзиниот статус почнува да се влошува. Пролетните јаглики претпочитаат сува или умерено влажна варовничка почва, која често се наоѓа на крајбрежјата на реки и езера. Ова не значи дека пролетните јаглики не успеваат да растат и на покисели почви. Пролетните јаглики може да ги најдете во традиционално одгледувани ливади, парковите, рабовите на шумите и покрај патот. Тие претпочитаат посончеви места.
Што ако цветот не изгледа како ниедна од двете форми?
Ова не се случува често, но понекогаш се наоѓаат растенија кои не се ниту со S ниту со L фома. Овие средни форми, чии што прашници и толчник се со иста должина, се нарекуваат хомостилни. Хомостилните индивидуи може да еволуриаат како последница на мутација, и сите нивни цветови треба да изгледаат исто. Доколку најдете хомостилна јаглика, не ја вклучувајте во броењето јаглики, но сепак кажете ни дека сте ја виделе! Може на пример да додадте коментар на набљудувањето и да додадете слика од хомостилниот цвет. Уште подобро ќе биде ако ни пратите порака на info@cowslip.science со сликата и точната местоположба каде сте го нашле цветот. Со овие информации, може да пратиме екипа на терен која ќе земе мал примерок од листот на растението за понатамошни генетски анализи, или можеби и вие можете да ни пратите растителен материјал следејќи ги нашите инструкции. Благодарение на овие невообичаени набљудувања, ни помагате да откриеме уште повеќе нови работи за хетеростилноста.